Напуштете ги фабричките нагодувања

за да ја подобрите вашата дигитална добросостојба

Преземете и отпечатете го водичот овде. Споделете го вашето искуство од користењето на Упатството за детоксикација од податоци, одржувајте контакт, или пак инспирирајте се за активности со порака до Сафа на datadetox@tacticaltech.org!

Кога последен пат се „исклучивте“ и не користевте технологија цел ден или барем еден час?

Ако сте постојано онлајн/на интернет, тогаш не сте сами. Еден граѓанин во просек допира, клика и скрола на мобилниот телефон преку 2600 пати дневно (извор). Ако правите нешто толку често, сакате да чувствувате дека вреди. Како може да проверите дали времето поминато на вашиот уред е квалитетно потрошено време?

Сѐ започнува со сознанието дека неодоливата привлечност кон технологијата не е ваша вина! Верувале или не, вашите омилени апликации и веб-страници се дизајнирани така што секоја карактеристика, боја и звук се „оптимизирани“ за да го задржат вашето внимание, да ве направат зависни и да имате потреба повторно да се навраќате на нив.

Апликациите и веб-страниците се дизајнирани да ве водат таму каде што тие мислат дека треба да одите. Копчињата нагласуваат потврден одговор (одобрување), а текстовите се напишани на многу уверлив начин. Дури и медиумите се дизајнирани го привлечат вашето внимание преку сензационалистички наслови и начинот на претставување на информациите.

Дали сакате да поставите рамнотежа помеѓу вашиот живот онлајн и реалниот свет (офлајн)? За тоа зборуваме во овој дел на Упатството за детоксикација од податоци.

Овде ќе научите како да се пробиете низ вревата и да се осигурите дека технологијата ве унапредува, наместо да ве уназадува. Не постои точен одговор за тоа колку (малку или многу) треба да ги користите вашите уреди.

Да започнеме!


1. Бидете присутни во моментот

Практикувањето на овој совет е потешко отколку што изгледа. За да се биде присутен во моментот, потребно е секојдневно вежбање. Тоа е како мускул во вашиот мозок што треба постојано да го вежбате за да го зајакнете. Може да започнете со тоа што прво ќе станете свесни за вашата релација со технологијата што ја користите.

Колку време поминувате на вашиот телефон??

Доколку не сте задоволни од одговорот, постојат нагодувања и стратегии што може да ги следите за да стекнете контрола над технологијата што ја користите.

Доколку вашата цел е да го намалите времето што го поминувате на Фејсбук, на Инстаграм или на Снепчет, променете ги нагодувањата и дозволите за тие апликации, со цел повеќе да работат во ваш интерес. Некои апликации, како, на пример, Инстаграм, дури имаат и опција за апликацијата да ве потсети кога сте го надминале дневното ограничување.

Инстаграм:

  • Профил →
  • logo Мени →
  • Нагодувања
  • Нагодувања
  • Вашата активност
  • Поставете дневен потсетник

Доколку утврдите дека вашиот телефон ви пречи додека разговарате во живо со некого, бидејќи ѕвони, вибрира или светка, може привремено да го ставите на тивок режим, да го свртите со екранот надолу или да го ставите в џеб или чанта, за да не ви се наоѓа пред очи.

Постојат и апликации што го мерат времето на користење. Со Андроид (Android) и Ајфон (iPhone) можете и да ги проверите навиките за користење преку Google's Digital Wellbeing и iOS update. Овие услуги ве информираат колку често го проверувате телефонот и ви предлагаат нагодувања што можете да ги контролирате.

Повеќе совети можете да прочитате во делот „Останете свесни (дури и со вашиот телефон)“.


2. Воочете ги триковите во дизајнот

Привлечните дизајни, познати и како „темен модел“/„неодолив модел“ (dark patterns), се дизајни што се засноваат врз човековата психологија, коишто се користат да ве натераат да се претплатите или да купите нешто, да дадете лични податоци, повеќе отколку што сте мислеле или сте имале намера.

Вообичаените трикови во дизајнот може да се состојат во специфичните бои, поставеноста на копчињата, нејасните текстови или делумни информации. Понекогаш овие трикови се очигледни, но некогаш е тешко да се забележат. Можеби веќе сте забележале некои од овие трикови кога сте се претплатиле или сте купувале нешто на интернет.

Причината зошто ги гледате овие дизајнерски трикови насекаде е затоа што функционираат – нѐ тераат да кликнеме, да се претплатиме, почесто да купуваме и да се враќаме повторно. Колку повеќе сте свесни за суптилните поттикнувачки и манипулативни елементи вградени во веб-страниците што ги користите, толку подобро ќе ги препознавате и ќе ги избегнувате.

Постојат неколку работи што може да ги направите за да ги надмудрите вашите апликации.

Препознајте кога апликациите ве “наведуваат“ да направите нешто: Прво што може да направите е едноставно да сте свесни за употребата на овие техники. Прочитајте за различните типови тука, и следете го овој твитер фид или хаштаг за да бидете во чекор со актуелните привлечни дизајни.

Сликајте и споделете: Направете слика на екранот (screenshot) кога ќе наидете на таков дизајн на интернет и споделете ја со вашите пријатели (без да споделувате лични детали по коишто може да ве идентификуваат – приватноста на прво место!) Може да побарате од компаниите да ги променат своите практики.

Останете смирени: Доколку на страницата за купување има часовник што одбројува, поставете си прашање: Дали е ова навистина итно? Доколку се затекнете како кликате на копчето, а не сте сакале, размислете за текстот на копчињата или боите што ги користи оваа услуга. Доколку се чувствувате збунето, немојте веднаш да претпоставите дека е тоа ваша вина – размислете за зборовите што ги користи оваа веб-страница или апликација, затоа што и тие може да бидат нејасни.

To see examples of dark patterns, and learn more about how you can spot them, check out the article The Internet Made Me Do It: Find Clarity Amidst Confusing Designs.

За да видите примери на „темен модел“/„неодолив модел“ (dark patterns) и да научите како да ги воочите, прочитајте го написот „Интернетот ме натера: пронајдете ја чистината во морето од збунувачки дизајни.


3. Бидете мудри со медиумите

Исто како што може да научите да ги надмудрите карактеристиките и дизајните што имаат за цел да ве задржат на страницата, така може да бидете паметни и да научите како да забележите вести или објави кои се наведувачки.

Досега сигурно сте чуле за проблемите со погрешните информации и „лажните вести.“ Воочувањето на погрешните информации може да ви стане нешто вообичаено доколку поставувате критички прашања за секоја вест што ја примате, особено доколку звучи изненадувачка, претерана или предобра за да биде вистинита.

На крај ќе сакате и да проверите која вест е вистинита или лажна – особено доколку планирате да ја споделите со семејството или со пријателите.

  • На каква веб-страница е објавена оваа содржина?
  • Кој го напишал (и кога)?
  • За што зборува целиот напис, покрај насловот?
  • На кои извори се повикуваат?

Доколку сметате дека информацијата е погрешна и сакате да спречите да се шири, повеќето платформи имаат место каде што може да ја пријавите објавата. Дополнително, може да одлучите дали ќе продолжите да го следите профилот што ја објавил веста.

За да дознаете повеќе за начините на препознавање погрешни информации, прочитајте го написот „Запали светло: барајте ја вистината на Интернет“.


4. Нека се слушне вашиот глас

Доколку содржините на веб-страниците или апликациите што често ги користите ви изгледаат дека се неверодостојни или содржат погрешни информации, можете да испратите електронска пошта, да напишете твитови и јасно да им укажете на компаниите дека не се согласувате со нивниот начин на работа. Кога компаниите се притиснати од оние кои им се најважни – нивните корисници – постои голема веројатност навистина да се коригираат.

Доколку сметате дека не се слушаат вашите критики, имате уште една моќна алатка на располагање: користете друга веб-страница или апликација. Доколку сте ги информирале дека не сте задоволни со нешто што го прави одредена веб-страница или апликација и потоа сте престанале да ја користите или сте ја избришале од вашиот уред – и доколку доволен број луѓе го направат истото – тогаш компаниите ќе забележат.

Повеќе совети за препознавање на триковите во дизајнот прочитајте во написот „Интернетот ме натера: пронајдете ја чистината во морето од збунувачки дизајни.“


5. Проширете ја веста

Пренесете понатаму! Едноставен совет што лесно се заборава, но може да има значителен ефект. Известете ги вашите пријатели, семејство и соработници за работите што ги забележувате и побарајте од нив да ви се приклучат во дигиталната детоксикација!

Сите сме соочени со предизвици додека ги користиме нашите телефони. Најважно е да најдете начин што ви одговара вам и на вашиот начин на живот. Експериментирајте додека не најдете соодветни решенија, потоа приспособувајте ги своите навики како што ви се менуваат потребите. Не постои универзално решение за сите корисници.

И, на крај, споделете информации за вашите технолошки избори и решенија со луѓето околу вас. На пример, да речеме дека ќе бидете недостапни на апликациите за комуницирање преку пораки секој ден по 20.00 часот затоа што сте одлучиле дека после тоа време едноставно нема да користите дигитални уреди: кажете им на вашето семејство и пријатели дека наместо со порака, може да ви се јават.

Бидете отворени за дијалог, прашувајте и ќе живеете урамнотежен онлајн живот којшто ви одговара.

Доколку овие совети ви помогнаа, можете да го прочитате и написот Паметни навики за паметни телефони?

Последно ажурирање: 11/24/2022